Свет

ХАКИРАНА НАЈГОЛЕМАТА КРИПТОБЕРЗА ВО СВЕТОТ: Украдени дигитални средства вредни 6,3 милијарди долари од Binance

Binance потврди хакерски напад со украдени 6,3 милијарди долари. Замрзната е приближно половина од сумата, а се сомневаат во севернокорејски хакери

ХАКИРАНА НАЈГОЛЕМАТА КРИПТОБЕРЗА ВО СВЕТОТ: Украдени дигитални средства вредни 6,3 милијарди долари од Binance

Најголемата светска берза за криптовалути, Binance, потврди дека била цел на огромен хакерски напад во кој биле украдени дигитални средства проценети на 6,3 милијарди долари. Инцидентот веќе се опишува како еден од најголемите грабежи во историјата на криптоиндустријата, пренесува BBC. Од компанијата соопштија дека со помош на партнерски платформи успеале да замрзнат приближно половина од украдените средства и дека ќе ги покријат сите настанати загуби. Првичната истрага укажува дека нападот можеби започнал преку компромитиран лаптоп на еден од инженерите, преку кој напаѓачот добил пристап до системот и извршил неовластени трансакции.

Binance се сомневаат во севернокорејски хакери

Компанијата за сајбер-безбедност TRM Labs го поврзува нападот со севернокорејската хакерска група TraderTraitor, која и претходно била поврзувана со големи кражби на криптовалути. Овој напад го надминува досегашниот рекорд од 2025 година, кога од берзата Bybit беа украдени 1,5 милијарди долари. Од Binance не ја потврдија директно можната поврзаност со Северна Кореја, но соопштија дека соработуваат со органите на прогонот за идентификување на сторителите.

Привремено запрени исплатите, компанијата гарантира дека средствата на корисниците се безбедни

Како превентивна мерка, Binance привремено ги суспендирала депозитите и повлекувањата додека траат безбедносните проверки. Компанијата нагласи дека ќе ги покрие загубите со сопствени средства и преку фондот SAFU, уверувајќи ги корисниците дека нивните средства се безбедни. Главниот аналитичар на TRM Labs, Ари Редборд, оцени дека станува збор за пресвртница за криптоиндустријата, додавајќи дека потрагата по преостанатите украдени средства допрва започнува.

ОЗНАКИ: Binance