Македонија
Дознај прв
МАКЕДОНЦИ ОД БЕЛГИЈА ФАТЕНИ СО ЗЛАТО НА ТАБАНОВЦЕ: Во женска чанта пронајден накит вреден 1,3 милиони денари
На Табановце е спречено криумчарење на 348 грама златен накит вреден 1,3 милиони денари, пронајден кај македонски државјани од Белгија.

Во чантата биле скриени 26 парчиња накит
Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле обид за криумчарење на 348 грама златен накит, чија вредност е проценета на околу 1,3 милиони денари. Накитот бил откриен при влез во Македонија, за време на детална контрола на патнички автомобил. Во возилото патувале сопружници, македонски државјани со живеалиште во Белгија. При контролата, во чантата на сопатничката биле пронајдени вкупно 26 парчиња златен накит.
Поднесена кривична пријава за криумчарење
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднело кривична пријава против сопатничката поради сомнение дека го сторила кривичното дело „криумчарење“. Делото е казниво согласно одредбите од Кривичниот законик. Златниот накит е запленет, а надлежните институции ќе ја продолжат постапката за целосно расчистување на случајот. Од почетокот на годинава царинските службеници откриле 13 случаи на криумчарење злато. Во овие случаи биле запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.
