Хроника
Дознај прв
(ВИДЕО) ДРОГА ЗАПЛЕНЕТА НА ТАБАНОВЦЕ: Германец приведен со хашиш, амфетамин и МДМА
На Табановце цариниците заплениле хашиш, амфетамин, МДМА и други супстанции кај германски државјанин. Поднесена е кривична пријава до ОЈО Куманово.

Царинските службеници на граничниот премин Табановце, на влез во Македонија, заплениле хашиш, амфетамин, МДМА и тетрахидроканабинол кај германски државјанин кој патувал со својот сопружник. Случајот е документиран и со снимки од боди-камерите, обезбедени како донација од Министерството за правда на САД. При контрола на автомобилот биле пронајдени различни супстанции, меѓу кои материја со зеленкаста боја, жолта восочна супстанција, како и дрога во форма на бомбони. Цариниците пронашле и дробилки и вага за прецизно мерење.
Дополнителни супстанции пронајдени кај Германец
При личниот претрес на осомничениот биле пронајдени дополнителни количини супстанции со зеленкаста боја, бела прашкаста материја, бел гел и таблети со портокалова и кафена боја. По откривањето на материјалите, лицето било приведено од инспектори од Одделението за истраги, а биле преземени и предистражни дејствија. По налог на јавен обвинител било извршено вештачење, со кое бил утврден составот на запленетите супстанции.
Поднесена кривична пријава до ОЈО Куманово
Против германскиот државјанин е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.
