Спорт

МАКЕДОНИЈА БЕЗ БОД И БЕЗ ГОЛ: Репрезентацијата чекори кон најнеуспешниот циклус во Лигата на нации

Македонија загуби со 3:0 од Швајцарија и по четири натпревари во Лигата на нации остана без бодови и без постигнат гол.

МАКЕДОНИЈА БЕЗ БОД И БЕЗ ГОЛ: Репрезентацијата чекори кон најнеуспешниот циклус во Лигата на нации

Македонската фудбалска репрезентација го претрпе и четвртиот пораз во низа во овогодинешното издание на Лигата на нации. Швајцарија славеше со 3:0 во Луцерн, оставајќи ја Македонија на последното место во групата без освоен бод и без постигнат гол по четири одиграни натпревари. sportstation.mk

Солидно прво полувреме, но гол во самиот финиш

Избраниците на Гоце Седлоски во првиот дел успеаја да создадат неколку ситуации пред голот на Швајцарија. Најсериозната можност ја имаа по акција од корнер, кога Елмас нафрли, но ударот со глава на Стојчевски заврши над голот.

Сепак, во последните секунди од првото полувреме, Фабиан Ридер ја искористи можноста и ја доведе Швајцарија во водство од 1:0.

Швајцарија ги казни грешките

Во продолжението домаќинот го засили притисокот, додека Македонија се обиде со измени да внесе свежина во играта. Сепак, индивидуалните грешки во дефанзивата повторно беа пресудни.

Во 72. минута Јохан Манзамби го зголеми водството на 2:0 по лоша проценка на Димитриевски, а само неколку минути подоцна Дан Ндоје ги постави конечните 3:0 по загубена топка на Гаштаров во опасната зона.

Последните два натпревари во ноември

По четири натпревари Македонија останува без бодови и без постигнат гол во групата. Во ноември следуваат последните два натпревари од циклусот – домашниот дуел со Словенија и гостувањето кај Шкотска.