Македонија
Дознај прв
МИЦКОСКИ ДО ОПОЗИЦИЈАТА: Државата чека реформи, а тие се натегаат кој кого да покани на состанок
Мицкоски ја повика опозицијата да покаже зрелост и да постигне договор за Изборниот законик, со гарантирано право на глас на дијаспората.

Премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата да покаже зрелост и одговорност и да постигне заеднички договор за измените на Изборниот законик.
Владината коалиција е подготвена да го поддржи предлогот
Мицкоски повтори дека владината коалиција е подготвена без дополнителни условувања да го поддржи предлогот што ќе го усогласат опозициските партии. Како единствен услов го посочи гарантирањето на правото на глас на македонските граѓани кои живеат во дијаспората.
Според него, иако власта веќе го усогласила својот став, опозициските партии со денови разговарале за тоа кој треба да го свика состанокот и каде тој да се одржи. Премиерот оцени дека ваквото однесување покажува неодговорност во период кога државата треба да спроведува важни реформи.
Ги повика опозициските лидери да седнат на иста маса
Мицкоски ги повика лидерите на СДСМ, ДУИ и Левица, како и политичките крила предводени од Зијадин Села и Арбен Таравари, заеднички да разговараат и да усогласат предлог. Тој порача дека политичките несогласувања и техничките детали не треба да бидат пречка за постигнување решение.
Премиерот нагласи дека државата нема време за дополнителни политички натегања и дека од опозицијата се очекува да преземе одговорност. Според него, потребно е партиите да постигнат договор што ќе овозможи продолжување на реформските процеси.
