Македонија

МИХАИЛ НИКОЛОВСКИ ОД БИТОЛА, ХЕРОЈ НА ПЛАЖАТА ВО ОЛИМПИЈАДА: Спаси тричлено семејство од разбрануваното море

15-годишниот битолчанец Михаил Николовски спаси тричлено бугарско семејство од разбрануваното море на плажа во Олимпијада, Грција.

МИХАИЛ НИКОЛОВСКИ ОД БИТОЛА, ХЕРОЈ НА ПЛАЖАТА ВО ОЛИМПИЈАДА: Спаси тричлено семејство од разбрануваното море

Вистинска драма вчера се случила на плажата во Олимпијада, Грција, каде силните бранови однеле тричлено семејство од Бугарија. Во моментите кога жената панично повикувала на помош, од присутните на плажата реагирал 15-годишниот битолчанец Михаил Николовски. Без двоумење влегол во разбрануваното море и, според сведоштвото на неговото семејство, најпрво ја извлекол жената, потоа детето, а на крај и таткото. Благодарение на неговата храбра и пожртвувана реакција, целото семејство било извлечено на безбедно. По спасувањето, присутните на плажата го поздравиле Михаил со силен аплауз. Херојскиот чин се случил токму на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, како силен пример дека човечноста не познава националност и граници.

Без размислување влегол во морето

Во критичниот момент, кога семејството се борело со силните бранови, Михаил не се двоумел да помогне. Еден по еден ги извлекол членовите на семејството од морето и ги донел до безбедниот дел од плажата, по што бил пречекан со аплауз од присутните.

Битола има причина да се гордее

Овој храбар чин е уште еден пример за пожртвуваност и човечност, особено кога се случува во момент кога некој друг е во опасност. Битола има причина да биде горда на својот млад сограѓанин, кој покажа храброст, добродушност и подготвеност да помогне кога тоа било најпотребно. Михаил покажа дека вистинскиот херој не се мери според годините, туку според делата.

ОЗНАКИ: битола
Жан Митрев