Дознај прв
НАД 100 ПАЦИЕНТИ ДНЕВНО СО СТОМАЧНИ ТЕГОБИ ВО ГОСТИВАР: Обвинителството проверува дали водата е исправна
Над 100 пациенти дневно бараат помош поради стомачни тегоби во Гостивар. Обвинителството и ЦЈЗ проверуваат дали водата е исправна.

Зголемен број граѓани со стомачни тегоби деновиве бараат лекарска помош во Општата болница во Гостивар. Само во еден ден, на Инфективното одделение биле прегледани повеќе од 100 пациенти, а наплив има и на Педијатрија и во Ургентниот центар. Пациентите најчесто се жалат на болки во стомакот, покачена температура, повраќање и дијареа.
Болницата се сомнева на сезонска вироза
Од болницата велат дека, според досегашните епидемиолошки информации, најверојатно станува збор за сезонска вироза и дека случаите засега не се меѓусебно поврзани. Медицинскиот персонал бил дополнително засилен со лекари и медицински сестри, а пациентите главно амбулантски примаат терапија и инфузија и не се хоспитализираат. Директорот Емри Бајрами апелира граѓаните да внимаваат на храната, личната хигиена и внесувањето доволно течности.
Обвинителството и ЦЈЗ ја проверуваат водата
Основното јавно обвинителство презема дејствија за испитување на квалитетот на водата за пиење. Центарот за јавно здравје веќе зел дополнителни примероци од неколку мерни места, а досегашните резултати покажале дека испитаната вода е исправна за употреба. Сепак, контролите ќе продолжат и во наредните денови за навремено да се утврди евентуална промена во квалитетот на водата.
