Македонија

НОВА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ЈАКИМОВСКИ: Полицијата го сомничи за несовесно работење

Нова кривична пријава за Стевчо Јакимовски и две службенички од Карпош за сомнение за несовесно работење при издавање градежни дозволи.

НОВА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ЈАКИМОВСКИ: Полицијата го сомничи за несовесно работење

Во случајот се пријавени и две службенички

Нова кривична пријава е поднесена против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој полицијата го сомничи за несовесно работење. Заедно со него се пријавени и две службенички од општинскиот Сектор за урбанизам. Случајот се однесува на издавање одобрение за градба на локација за која Уставниот суд во 2018 година го укинал Деталниот урбанистички план. Според пријавата, иако барањето на инвеститорите претходно било двапати одбивано, подоцна им било овозможено да изградат објект вреден околу 170.000 евра. Полицијата сомничи дека со постапувањето на пријавените инвеститорите противправно се стекнале со право на изградба на објект вреден 10,4 милиони денари. Во пријавата се опфатени и два случаи со настрешници, за кои полицијата тврди дека биле изведени без потребната документација и без платени давачки. Новата пријава доаѓа само неколку дена откако Врховниот суд ја укина едногодишната затворска пресуда против Јакимовски за бесправно градење и предметот го врати на повторно судење.

Јакимовски во моментов е во болница

Јакимовски претходно беше осуден на една година затвор за бесправно градење при изградбата на општинската зграда во Карпош, а за предметот за злоупотреба на службената положба е вратен на повторно судење. Иако Врховниот суд ја укина затворската пресуда, одлуката сè уште не била доставена до затворот во Шутка, поради што формално се води како затвореник. Во моментов Јакимовски се наоѓа во болница, каде што вчера му била направена трета операција.