Македонија
Дознај прв
ОГНЕНА СТИХИЈА ВО АМЕРИКА: Над 700 објекти изгореа, евакуирани 64.000 луѓе
Големите пожари кај Спокен во сојузната држава Вашингтон уништија над 700 објекти, а околу 64.000 жители добија наредба за евакуација.

Пожарите се проширија од шумите кон населбите
Шумските пожари кои трет ден беснеат во околината на Спокен, во американската сојузна држава Вашингтон, уништија најмалку 700 објекти и принудија околу 64.000 луѓе да ги напуштат своите домови. Огнената стихија досега зафатила повеќе од 8.000 хектари, а три пожари во регионот се прогласени за највисок приоритет за гаснење во САД. Според воздушните инфрацрвени снимки, уште околу 400 згради би можеле да бидат оштетени или целосно уништени. Надлежните предупредуваат дека пожарот од шумските предели се проширил кон станбените и деловните зони, поради што прераснал во сериозна опасност за населените места.
Ангажирани околу 1.100 пожарникари
Во акцијата кај Спокен учествуваат околу 1.100 пожарникари, додека низ САД со шумските пожари се борат повеќе од 29.000 припадници на противпожарните служби. Засега нема официјално потврдени загинати или повредени лица, но непознат број жители се водат како исчезнати. Причината за избувнувањето на пожарите сè уште се истражува, а спасувачките екипи не можат да пристапат до дел од најпогодените области поради силниот интензитет на огнот. Од почетокот на годината во САД биле регистрирани повеќе од 44.000 шумски пожари, кои зафатиле речиси 5,2 милиони хектари.
