Регион
Дознај прв
ПО ШТРАЈКОТ СЕ РАСЧИСТУВААТ КОЛОНИТЕ: Сообраќајот кон Грција постепено се нормализира
По завршувањето на штрајкот на грчките цариници се расчистуваат колоните на Богородица, Дојран и Меџитлија, а сообраќајот постепено се нормализира.

Сообраќајот на граничните премини меѓу Македонија и Грција постепено се нормализира по завршувањето на штрајкот на грчките царински службеници. Колоните што се создадоа на премините Богородица – Евзони, Дојран – Дојрани и Меџитлија – Ники почнале да се расчистуваат, но поради зголемената фреквенција на возила сè уште се можни задржувања. За време на штрајкот патниците чекаа и по неколку часа за да ја преминат границата.
Возилата се пропуштаа на секои десет минути
Штрајкот се одржа во периодот од 5 до 9 часот по македонско време на трите главни копнени премини кон Грција. Во текот на прекинот патничките возила беа пропуштани на секои десет минути, додека товарниот сообраќај беше целосно запрен во двата правци. Ваквиот режим предизвика повеќечасовни колони, а на одделни премини за влез во Грција се чекаше меѓу два и три часа.
Сè уште е можна зголемена фреквенција
По повторното воспоставување на редовниот режим, граничните служби почнаа забрзано да ги пропуштаат натрупаните возила. Најголема фреквенција традиционално има на преминот Богородица, особено во летниот период кога голем број македонски граѓани патуваат кон грчките туристички места. Возачите се советуваат пред патување да ја проверат актуелната состојба и да предвидат дополнително време поради можни повремени задржувања.
