Скопје

ПОЛИТИЧКА БИТКА ЗА „СКОПЈЕ 2028“: Филипче најави блокада, Мицкоски јавна дебата

Филипче најави блокада на законот за „Скопје 2028“, додека Мицкоски го повлече предлогот од Собранието и најави широка јавна дебата.

ПОЛИТИЧКА БИТКА ЗА „СКОПЈЕ 2028“: Филипче најави блокада, Мицкоски јавна дебата

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека партијата во септември ќе ги искористи сите демократски механизми за да го блокира предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Според него, станува збор за скандалозен закон со кој Владата се обидува да ги заобиколи важечките процедури, вклучително и правилата за јавни набавки. Филипче порача дека ваквиот закон не смее да биде усвоен и најави „жешка политичка есен“.

Мицкоски: Законот ќе оди на јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата и оцени дека постои жесток обид за манипулација и дезинформирање на јавноста. Тој посочи дека предложеното решение не се разликува од моделите применувани во други европски градови, но нагласи дека не сака да остане ниту најмал сомнеж во процесот. На негово инсистирање законот бил повлечен од Собранието и ќе биде ставен на јавна дебата.

Филипче најави интерпелации за Гаши и Стоилковиќ

Филипче најави дека СДСМ во септември ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, обвинувајќи го за кршење на Деловникот и блокирање на опозициските иницијативи. Партијата ќе бара интерпелација и за министерот Иван Стоилковиќ поради наводните навреди кон пратениците Фатмир Битиќи и Бојан Трајчулевски. Мицкоски, пак, призна дека јавната дебата може малку да го одложи процесот, но очекува проектот навреме да биде реализиран и Скопје да ја понесе титулата Европска престолнина на културата во 2028 година.

ОЗНАКИ: Скопје 2028