Економија

ПОЗНАТО КОЈ ГИ КУПИЛ АКЦИИТЕ: Битолската млекарница сега има еден доминантен сопственик

ИМЛЕК АД Србија го зголеми сопственичкиот удел во Млекара АД Битола на 99 отсто, откако ги купи преостанатите 24,41 отсто од акциите.

ПОЗНАТО КОЈ ГИ КУПИЛ АКЦИИТЕ: Битолската млекарница сега има еден доминантен сопственик

ИМЛЕК АД Србија е купувачот на преостанатите 24,41 отсто од акциите во Млекара АД Битола, со што стана нејзин речиси целосен сопственик. Информацијата е објавена во ревидираниот финансиски извештај што компанијата го доставила до Македонската берза. Со трансакцијата, уделот на ИМЛЕК се зголемил од 74,6 на 99 отсто.

Акциите биле платени 7,37 милиони евра

Пакетот акции бил продаден во јануари по цена од 17.096 денари за една акција. Вкупната вредност на трансакцијата изнесувала околу 7,37 милиони евра. Пред продажбата, преостанатиот удел во Битолската млекарница бил во сопственост на холандската компанија CEE Investments B.V.

Промени и во сопственичката структура на ИМЛЕК

Во извештајот е наведено и дека ИМЛЕК АД Србија добил нов сопственик. Компанијата VELATTE BIDCO DOO BEOGRAD во април 2026 година била запишана како сопственик на 100 отсто од капиталот на ИМЛЕК. Битолската млекарница минатата година остварила приходи од 46,8 милиони евра и добивка од три милиони евра, а просечно имала 243 вработени.

Извор: Faktor.mk