Македонија
Дознај прв
Седма жртва на западнонилска треска: Почина 66-годишен маж од Гази Баба
Седма жртва на западнонилска треска во Македонија. Почина 66-годишен маж од Гази Баба по 38 дена борба со вирусот.

Западнонилската треска ја однесе седмата жртва во земјава, 66-годишен маж од општина Гази Баба. Тој повеќе од еден месец бил хоспитализиран на Инфективната клиника поради воспаление на мозокот и мозочните обвивки, а имал и повеќе хронични заболувања.
Состојбата нагло се влошила
Пациентот на Инфективната клиника ја загубил битката по 38 дена борба со вирусот „Западен Нил“. Иако во текот на лекувањето имало одредено подобрување, во последните неколку дена неговата состојба драстично се влошила и бил приклучен на апарати за дишење.
Нови случаи на западнонилска треска во Скопје Север и Бутел
Во меѓувреме се потврдени уште осум нови случаи, од кои најголем дел се од подрачјето на Скопје Север, а има и суспектен случај од Гази Баба. Тројца пациенти се на респиратор и се борат за живот. Здравствените власти посочуваат дека мажите во земјава заболуваат од западнонилска треска речиси четири пати почесто од жените. Новите случаи се регистрирани и во Бутел и Радишани, каде што веќе се преземаат активности за идентификување на можни жаришта со застоена вода, која создава услови за размножување на комарците што го пренесуваат вирусот.
