Македонија
Дознај прв
ЗАПАДНО-НИЛСКАТА ТРЕСКА СЕ ШИРИ: Пет нови случаи, вкупно 70 заразени во Македонија
Во Македонија се регистрирани 70 случаи на Западно-нилска треска во 2026 година, од кои пет се нови, а девет лица починале.

Во Македонија се регистрирани вкупно 70 случаи на Западно-нилска треска во 2026 година, заклучно со 22 септември, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Од нив, 65 случаи се потврдени, а пет се водат како веројатни. Најголем број заболени се регистрирани во Скопје – 63, додека случаи има и во Велес, Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово. Во изминатата недела, од 16 до 22 септември, се пријавени пет нови случаи – три во Скопје и по еден во Велес и Тетово.
Најголем дел од заболените се постари лица
Според податоците на ИЈЗ, 57 од заболените, односно 81,4 отсто, се лица над 60 години, а просечната возраст на сите случаи е 66,5 години. Од вкупниот број заболени, 52 се мажи, а 18 се жени. Кај 68 лица е регистрирана невроинвазивна форма на болеста, при што сите биле хоспитализирани.
Девет лица починале од треска
Во 2026 година досега се регистрирани девет смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна Западно-нилска треска. Сите починати биле мажи, со просечна возраст од 71,1 година, а кај осум од нив биле регистрирани коморбидитети. На 11 август ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на Западно-нилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.
