Магазин
Дознај прв
ШВЕДСКАТА ВЛАДА ЗАБРАНИ CHATGPT И CLAUDE: Државните службеници ќе користат проверена ВИ
Шведската влада ја забрани употребата на веб-верзиите на ChatGPT и Claude на службените компјутери поради ризици за безбедноста на податоците.

Шведските владини служби од денеска ја забранија употребата на веб-верзиите на ChatGPT и Claude на службените компјутери поради ризици за безбедноста на чувствителните податоци. Одлуката следува по ревизија на алатките за вештачка интелигенција, спроведена претходно годинава од Шведската управа за транспорт, при која биле утврдени проблематични практики во државните институции.
Ризик од изложување на чувствителни податоци
Надлежните предупредуваат дека внесувањето службени информации во овие платформи, без соодветни договори за заштита на податоците, може да доведе до нивно складирање и користење за понатамошно тренирање на моделите. Микаел Ветеркранц, директор за дигитализација во шведските владини служби, предупредил дека користењето нерегулирани платформи може да ја загрози информациската безбедност.
„Копилот“ како алтернатива за службениците
Како алтернатива се препорачува Microsoft Copilot, кој поминал безбедносна проверка и е опфатен со договор за заштита на податоците со шведската влада. Вештачката интелигенција нема целосно да биде исфрлена од институциите, но нејзината употреба ќе биде под построг надзор, а ограничен број вработени ќе можат да пристапуваат до ChatGPT и Claude преку посебна платформа развиена од шведските власти. Слични ограничувања, според шведскиот јавен сервис „Сверигес радио“, вовеле и Даночната управа и Националниот одбор за институционална грижа, додека Шведската управа за извршување разгледува такви мерки. Ограничувањата за ChatGPT и Claude доаѓаат по претходните мерки против кинеската платформа DeepSeek.
