Свет
Дознај прв
СИ И ПУТИН СЕ СРЕТНАА ВО КИНА: Подготовка за историската средба со Трамп и разговорите за нуклеарното разоружување
Си Џинпинг и Владимир Путин разговараат во Шенжен пред трилатералната средба со Доналд Трамп, на која се очекуваат разговори за нуклеарното разоружување и глобалните кризи.

Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин денеска се сретнаа во Шенжен, во пресрет на самитот на лидерите од азиско-пацифичкиот регион, чиј домаќин е Кина. Средбата се одржува еден ден пред најавената трилатерална средба со американскиот претседател Доналд Трамп, закажана за 19 ноември. Трамп треба да пристигне во Кина подоцна денеска од Филипините, каде што присуствуваше на самит на АСЕАН. Меѓу темите што се очекува да бидат отворени на разговорите меѓу тројцата лидери се нуклеарното разоружување, војната во Украина, Иран и глобалните односи.
Си и Путин разговараат за Украина, енергенсите и односите со САД
Кинеските државни медиуми објавија дека Си и Путин одржуваат билатерални разговори за време на работен ручек. Меѓу темите се очекува да бидат војната во Украина, снабдувањето со енергенси и идните односи со Соединетите Американски Држави. Иако Пекинг официјално се декларира како неутрален во однос на руската инвазија, постојат обвинувања за кинеска поддршка на руската воена индустрија и економија преку трговијата со енергенси. Се очекува да разговараат и за планираниот гасовод што би минувал низ Монголија, во услови кога Русија сè повеќе се потпира на кинескиот пазар поради западните санкции.
Путин: Работиме на поправеден, мултиполарен светски поредок
Руските државни медиуми пренесоа дека Путин му рекол на Си оти руско-кинеското партнерство функционира стабилно на меѓународната сцена. „Во сложено геополитичко опкружување, ние работиме конструктивно кон создавање на поправеден, мултиполарен светски поредок“, изјавил Путин. Трилатералната средба во четврток ќе биде прва од ваков вид меѓу лидерите на Кина, Русија и САД, а нејзиниот исход и евентуалните договори ќе бидат под будно внимание на меѓународната јавност.

