Македонија

ЗАБРАНЕТА ЗА ПИЕЊЕ ВОДАТА ВО СТРУГА: Зголемена заматеност по обилните врнежи

Водата од водоводната мрежа во Струга не е безбедна за пиење поради зголемена заматеност. Забраната останува во сила до стабилизирање на состојбата.

ЗАБРАНЕТА ЗА ПИЕЊЕ ВОДАТА ВО СТРУГА: Зголемена заматеност по обилните врнежи
фото - СТРУГА - википедија

Водата од водоводната мрежа во Струга е забранета за пиење откако мерењата покажале зголемена заматеност на повеќе мерни места. Проблемот е присутен од завчера, кога биле регистрирани вредности над дозволените граници. Обилните врнежи од дожд во изминатите денови предизвикале заматување на изворите кај Горна Белица, во близина на главниот извор Шум. Од ЈП „Водовод и канализација“ за Телма потврдиле дека дотекот од овие извори е затворен и тие се исклучени од системот. Во моментов Струга се снабдува исклучиво од изворот Шум, а водата може да се користи само за технички потреби.

Се очекува стабилизирање во наредните денови

Од претпријатието очекуваат состојбата да се стабилизира во наредните неколку дена. До тогаш, забраната за пиење останува во сила, а граѓаните не треба да ја користат водата за консумирање.

Повторно се отвора прашањето за извориштето Шум

Ова не е првпат Струга да се соочи со проблеми со водоснабдувањето. Во февруари годинава, поради недозволени ископи на минерална суровина над главниот извор Шум, жителите речиси еден месец останаа без вода за пиење. Десет месеци по тогашната хаварија, сè уште нема решение за санирање на длабоките ископи во близина на извориштето.

ОЗНАКИ: Струга
Жан Митрев