Регион
Дознај прв
УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СПЛИТ: Жељко Керум осомничен во аферата „Коноба пршут“
Поранешниот градоначалник на Сплит, Жељко Керум, е уапсен по наредба на УСКОК во истрага поврзана со аферата „Коноба пршут“.

Поранешниот градоначалник на Сплит и познат хрватски бизнисмен Жељко Керум е уапсен по наредба на Канцеларијата за сузбивање корупција и организиран криминал – УСКОК. Според хрватските медиуми, Керум бил приведен во Вела Лука на островот Корчула, каде што престојувал за време на настан посветен на музичарот Оливер Драгоевиќ. Апсењето е поврзано со истрагата за случајот познат како „Коноба пршут“, кој се однесува на угостителски комплекс во сопственост на Керум во Каштел.
Меѓу уапсените и неговиот внук
Во полициската акција биле уапсени уште неколку лица блиски до Керум, меѓу кои и неговиот внук. Приведен е и Андрија Полиќ, поранешен виш стручен соработник за просторно планирање и градежништво во градот Каштела. Засега официјално не е соопштено за кои конкретни кривични дела се товарат осомничените.
Спорен ресторански комплекс
Хрватскиот портал „Телеграм“ претходно објавуваше дека ресторанот „Пршут“ и придружните објекти, меѓу кои базен, капела и машинска просторија, биле изградени без потребните дозволи. Според објавените информации, градежната инспекција претходно наредила отстранување на објектите, но комплексот не бил урнат и наводно продолжил да се проширува на земјоделско земјиште. Истрагата продолжува, а повеќе детали се очекуваат по испрашувањето на уапсените лица.
