Македонија

ЗАТАИЛЕ НАД 200.000 ЕВРА ДАНОК: Кривична пријава против двајца управители и фирма

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против 2 сопственици и управители и една фирма поради даночно затајување од 12,6 мил денари.

ЗАТАИЛЕ НАД 200.000 ЕВРА ДАНОК: Кривична пријава против двајца управители и фирма

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против двајца сопственици и управители на фирма, како и против самото правно лице, поради сомнение за даночно затајување. Според наводите во пријавата, со нивните дејствија државниот буџет бил оштетен за вкупно 12.615.871 денар, односно повеќе од 200.000 евра. Првопријавениот Н.О., турски државјанин и реален сопственик на компанијата од 2016 до 2021 година, по поднесувањето на последната завршна сметка извршил промена на сопственичката и управувачката структура, по што како нов сопственик бил запишан Е.М.

Четири години без завршни сметки

Според Финансиската полиција, за деловните години од 2022 до 2025 година фирмата не изготвила и не поднела завршни сметки. Поради тоа, набавена трговска стока во вредност од над 32 милиони денари наводно била неосновано присвоена. Осомничените не пресметале, не пријавиле и не уплатиле ДДВ во износ од 5.769.856 денари, како и данок на личен доход од 3.561.283 денари.

Не бил платен ниту данок на добивка

Пријавените, исто така, не ги отпишале и не ги прикажале како приходи застарените обврски кон добавувачите, постари од три години, во износ од 32.847.325 денари. Со тоа, според истрагата, не бил пресметан и уплатен данок на добивка од 3.284.732 денари. Од Финансиската полиција наведуваат дека двајцата управители и фирмата не ги исполниле законските даночни обврски, со што била предизвикана штета на државниот буџет.