Економија

ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА ВО АКЦИЈА: Mилиони префрлани преку фиктивна фактура

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против пет лица и две компании поради сомневања за перење пари, измама, фиктивни фактури и даночно затајување.

ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА ВО АКЦИЈА: Mилиони префрлани преку фиктивна фактура

Пет лица и две компании се опфатени со кривична пријава што Управата за финансиска полиција ја поднела до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради сомневања за перење пари и други приноси од казниво дело, измама, фалсификување или уништување деловни книги и даночно затајување.

Словенечка компанија уплатила 283 илјади евра

Според наводите во кривичната пријава, првопријавениот Д.К., како сопственик на скопско правно лице, во 2022 година склучил договор со компанија од Словенија за купопродажба на железнички пруги во вредност од 21.667.680 денари. Словенечката компанија уплатила аванс од 283.310 евра, односно 17.423.564 денари, но стоката, според сомневањата на Финансиската полиција, не била испорачана, а средствата не биле вратени.

Парите префрлени преку фиктивна фактура за пилешки нозе

Со цел, како што се сомнева Финансиската полиција, да се прикрие потеклото и локацијата на средствата, Д.К. заедно со Ф.Н., кој бил управител и овластен потписник на сметката на скопската компанија, потпишале налог за трансфер на 16.762.410 денари кон фирма од Штип. Средствата биле префрлени врз основа на фиктивна фактура за наводна набавка на пилешки нозе, а потоа преку фиктивен договор за цесија биле префрлени на сметката на Х.Р.

Ф.М., која била овластен сметководител, според сомневањата, не ја евидентирала Х.Р. како нов доверител, додека трансакциите биле прикривани и преку сметководствените евиденции. Д.М., како овластен потписник на сметката на штипското правно лице, непосредно по уплатата по фиктивната фактура реализирала електронски налог со кој средствата биле префрлени на сметката на Х.Р.

Дел од парите подигнати во готово, купено и возило

Откако средствата биле префрлени, Д.К., како овластено лице, ги конвертирал во странска валута, по што дел од парите биле подигнати во готово, а дел биле искористени за купување возило. Финансиската полиција дополнително се сомнева дека Ф.Н. во 2022 година не го уплатил персоналниот данок на доход во износ од 1.885.370 денари за исплатените средства кон Х.Р.

Х.Р., според наводите во пријавата, не го пријавила остварениот приход во годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година. Од Управата за финансиска полиција информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела.

Извор: Булевар