Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) ИЛИНДЕНСКИТЕ КОЊАНИЦИ ТРГНУВААТ КОН КРУШЕВО: Околу 40 учесници ја продолжуваат традицијата
Четириесетина коњаници од Горно Лисиче, меѓу кои и пет девојки, тргнуваат кон Крушево на традиционалниот Илинденски коњички марш.

Четириесетина коњаници од Горно Лисиче, меѓу кои и пет девојки, вечерва тргнуваат кон Крушево, продолжувајќи ја традицијата на Илинденскиот коњички марш. Со македонски знамиња, песна и благослов, тие ќе патуваат неколку дена до градот во кој на 2 Август ќе им оддадат почит на илинденците и на сите борци за слободна Македонија. Маршот се одржува веќе 48 години и претставува една од најдолговечните манифестации посветени на Илинденското востание.
Свечено испраќање од Горно Лисиче
Коњаниците ќе бидат свечено испратени од дворот на црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче. Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, ќе им го предаде општинското знаме како симболична поддршка за нивната мисија. Тој порача дека маршот не е само патување, туку живо сведоштво за љубовта кон Македонија и почитта кон делото на илинденците. Организатор е Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“, кое речиси половина век ја негува оваа традиција.
И пешадиите тргнаа кон Мечкин Камен
Паралелно со коњичкиот марш, годинава по третпат се одржува и Илинденскиот пешадиски марш „Маџари – Мечкин Камен“. Учесниците ќе поминат околу 170 километри за шест дена, движејќи се преку Велес, Богомила и Прилепско до Крушево. На Илинден тие ќе пристигнат на Мечкин Камен, каде што ќе им оддадат почит на хероите кои ги положиле животите за Македонија.
