Македонија

ВИДЕО | СО ЛИСИЦИ ПРИВЕДЕНА ДИРЕКТОРКАТА НА „КОМУНАЛЕЦ“: Со неа во полиција однесени уште две раководни лица

Директорката на ЈП „Комуналец“ Гостивар, Артана Асани, е приведена со уште две раководни лица во екот на истрагата за водата и епидемијата.

ВИДЕО | СО ЛИСИЦИ ПРИВЕДЕНА ДИРЕКТОРКАТА НА „КОМУНАЛЕЦ“: Со неа во полиција однесени уште две раководни лица

Директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, денеска била приведена и со лисици на рацете однесена во полициска станица, во период кога надлежните ја истражуваат епидемијата со стомачни симптоми во градот.

Покрај Асани, полицијата ги привела и техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот Вадедин Дервиши. Приведувањата се случиле додека во Владата се одржувала прес-конференција за резултатите од испитувањето на водата во Гостивар.

Директорката претходно била суспендирана

Пред приведувањето, Асани била суспендирана од функцијата од страна на градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.

Таа претходно тврдеше дека причината за здравствените проблеми кај граѓаните не е водата, туку храната. Надлежните засега јавно не ги соопштуваат целосните резултати од анализите, бидејќи Обвинителството посочило дека нивното објавување би можело да ја наруши истрагата.

ИЈЗ утврдил отстапувања од нормалните параметри

Министерот за здравство Сашо Клековски и директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, соопштиле дека анализите се завршени, но не откриле конкретни детали.

Според информациите објавени по прес-конференцијата, резултатите покажале одредени отстапувања од нормалните параметри на водата, кои може да одговараат на здравствената состојба кај граѓаните. Андоновска потврдила дека контаминација на водата со фекалии би можела да предизвика стомачни симптоми какви што се регистрирани во Гостивар.

Надлежните институции продолжуваат со истрагата, по што треба да бидат познати причините за епидемијата и евентуалната одговорност на раководните лица.