Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) УЖАС ВО МАРИОВО: над 20 куќи и плевни изгореа во големиот пожар во Чаниште
Над 20 куќи и плевни изгореа во големиот пожар во Чаниште, Мариово. Четворица жители побарале медицинска помош поради вдишување чад.

Огнот брзо се проширил кон селото
Над 20 куќи и плевни биле опожарени во големиот пожар што вчера попладне избувнал во близина на прилепското село Чаниште и брзо се проширил кон селото. Пожарот најпрво зафатил сува трева и нискостеблести грмушки на површина од околу три хектари, но поради силниот интензитет на огнот набрзо стигнал до куќите и другите објекти. Четворица жители побарале медицинска помош поради вдишување чад, додека за среќа нема повредени лица. Дополнителна опасност претставувале неексплодираните гранати од Првата светска војна, при што за време на пожарот биле слушнати повеќе експлозии во и околу селото.
Пожарот ставен под контрола, остана голема материјална штета
Територијалната противпожарна единица од Прилеп успеала да го стави пожарот под контрола, по што продолжиле активностите за негово целосно гаснење. Тешкиот ридско-планински терен дополнително го отежнувал движењето и интервенцијата на противпожарните екипи. Жителите на Чаниште останале во шок по големото огнено невреме и стравуваат од повторно разгорување на огнот. Засега нема официјални информации за точниот број целосно и делумно оштетени објекти, ниту за причината за избувнувањето на пожарот. Од Општина Прилеп апелираат на максимална внимателност и да не се палат стрништа, ниви, отпад и сува вегетација.
