Хроника
Дознај прв
АЛТА БАНКА ОТВОРА ЕКСПОЗИТУРА ВО ПРИЛЕП: Клиентите ќе можат да подигнат до 20.000 денари
Од 16 ноември започнува со работа експозитурата на АЛТА банка во Прилеп. Народната банка ги објави лимитите за подигнување и плаќање.

Од понеделник, 16 ноември, со работа започнува експозитурата на „АЛТА банка“ АД Битола во Прилеп, со што се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите. Народната банка информира дека граѓаните кои имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит. Продолжуваат со работа и филијалите во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“.
Кои услуги им се достапни на клиентите?
Во експозитурите клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби. Од 10 ноември достапни се и електронското и мобилното банкарство. За клиентите кои поседуваат платежни картички важи лимит од 15.000 денари неделно, додека за оние без картички ограничувањето е 20.000 денари во период од две недели. Лимитите се применуваат збирно за сите сметки на клиентот и ги опфаќаат плаќањата со картички, подигнувањето готовина од банкомати и шалтери, како и трансакциите преку електронското и мобилното банкарство.
Новите приливи не се ограничени, овозможена и исплата на плати
Физичките лица можат без ограничување на износот да располагаат со новите приливи на сметките во „АЛТА банка“ доколку средствата пристигнуваат од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги. Дополнително, за компаниите е овозможена исплата на платите, заедно со соодветните даноци и придонеси, доколку во последните три месеци редовно исплаќале плати преку сметките во Банката. Народната банка соопшти дека продолжува внимателно да ја следи состојбата и да презема активности за полесен пристап на клиентите до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

