Македонија
Дознај прв
БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГОДИНА ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИЕ: Ќе тежи 7,16 милијарди евра
Собранието започнува расправа за Буџетот за 2027 година. Планирани се приходи од 6,43 милијарди евра, расходи од 7,16 милијарди и дефицит од 3,5% од БДП.

На денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет започнува разгледувањето на Предлог-буџетот за 2027 година во второ читање. Расправата ќе трае 10 дена, од кои најмногу четири се предвидени за општ претрес, а шест за разгледување на амандманите. За предлогот се поднесени над 300 амандмани од овластени предлагачи. Според проекциите, вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, односно околу 6,43 милијарди евра, додека расходите треба да достигнат 440,4 милијарди денари или 7,16 милијарди евра.
Над 2 милијарди евра за пензии и социјални трансфери
Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно околу 731,7 милиони евра или 3,5 проценти од БДП. За капитални расходи се предвидени 40,8 милијарди денари, додека за исплата на пензиите се планирани 123,8 милијарди денари, односно околу 2,01 милијарди евра. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари или 3,59 милијарди евра. Покрај финансирањето на дефицитот, државата во 2027 година треба да сервисира долг од 124,6 милијарди денари, од кои 46,5 милијарди денари се однесуваат на надворешен долг, а меѓу обврските е и отплатата на еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година.
Планирани нови задолжувања и средства за одбраната
За финансирање на дефицитот и обврските се предвидени домашни задолжувања од 36,3 милијарди денари, како и 60 милијарди денари преку едногодишни државни хартии од вредност што доспеваат за отплата. Надворешното задолжување е проектирано на 86,8 милијарди денари. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска при претставувањето на предлогот истакна дека целта е обезбедување стабилни и одржливи јавни финансии, постепена фискална консолидација и создавање услови за економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард. Таа најави и средства за раст на платите во јавниот сектор, исполнување на обврските кон НАТО и зајакнување на одбранбените капацитети, при што за одбраната се планирани средства во висина од два проценти од БДП.

