Македонија
Дознај прв
ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ПЕЦЕ МАТЕВСКИ: Поранешниот директор на РЕК „Битола“ го оштетил комбинатот за 2,9 милиони евра

Поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор поради злоупотреба на службената положба и овластување при спроведувањето тендер за ископ на јаловина. Пресудата денеска ја донесе Основниот суд во Битола, во предметот што се однесува на јавна набавка за избор на фирма за ископ на јаловина во периодот 2022–2023 година, вредна повеќе од 11 милиони евра.
Изборот на „Рудкоп“ ѝ нанел штета на РЕК „Битола“
Според образложението на пресудата, Пеце Матевски, заедно со Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски, прибавиле противправна корист за битолската фирма „Рудкоп“.
Во постапката за јавната набавка била прифатена понудата на „Рудкоп“, додека понудата на скопската компанија „Гранит“ била отфрлена и таа не учествувала во електронската аукција.
Судот утврдил дека со ваквото постапување на РЕК „Битола“ ѝ била предизвикана штета од 178.370.319 денари, односно околу 2,9 милиони евра.
За тројцата членови на Стручната комисија, Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски, судот изрече условни казни. Им е утврдена затворска казна од една година, која нема да биде извршена доколку во рок од две години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Ослободителни и условни пресуди за останатите обвинети
Ослободителни пресуди добија Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки. Судот образложи дека обвинителството не докажало дека тие го сториле кривичното дело што им се ставаше на товар.
Условни казни добија и Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје. На секоја од нив им е утврдена затворска казна од осум месеци, која нема да биде извршена доколку во рок од една и пол година од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Обвинението го застапуваше обвинителката Оливера Нечаковска од Основното јавно обвинителство Битола.
Замрзнати остануваат 3,5 милиони евра на „Рудкоп“
Со пресудата, судот одлучи оштетеното правно лице АД ЕСМ имотно-правното побарување да го оствари во граѓанска постапка.
Воедно, останува во сила и мерката за замрзнување на околу 3,5 милиони евра на сметката на компанијата „Рудкоп“ од Битола, сопственост на бизнисменот Кирил Билјановски.
Според одлуката на судот, средствата ќе останат замрзнати до правосилното завршување на кривичната постапка, освен доколку не дојде до суштински измени на привремената мерка.

