Скопје
Дознај прв
(ВИДЕО) ЗАДИМЕНО НАД СКОПЈЕ: Жителите се жалат дека не се дише, бела магла го покри градот
Граѓани од повеќе скопски општини пријавуваат тежок воздух, бела магла и мирис на чад, додека пожарот на Китка повторно се засилува.

Во последниот час и половина до редакцијата на „24 часа“ пристигнуваат пријави од граѓани од повеќе делови на Скопје кои велат дека воздухот е тежок и дека тешко се дише. Жители на Аеродром, Центар и Карпош пријавуваат бела магла , а до редакцијата пристигна и видео од Раштак на кое се гледа дека голем дел од градот е покриен со магла. Во делови од Скопје граѓаните велат дека се чувствува и мирис на чад.
Пожарот на Китка повторно се засили
Истовремено, активен е пожарот на планината Китка, на потегот меѓу Градовци, Палиград и Рамнигабри, во близина на Студеничани и Морани. Пожарот гори веќе десетина дена, но во последните часови повторно се засили, а снимки од Пакошево и Зелениково покажуваат густ чад од пожарот. Граѓаните од Железара, Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош пријавуваат дека над градот се забележува бела магла и дека воздухот е непријатен.
Засега нема потврда за причината
Засега нема официјална потврда дека задименоста и маглата во Скопје се директно предизвикани од пожарот на Китка. Можно е појавата да е поврзана со пожарот, особено поради неговото повторно засилување, но тоа засега останува непотврдено. Надлежните институции допрва треба да утврдат што е причината за состојбата со воздухот во главниот град.
