Македонија
Дознај прв
ЗА 90 ОТСТО ПОВЕЌЕ СЛУЧАИ НА ГРИП ЗА ЕДНА НЕДЕЛА: Регистрирани 116 заболени, најмногу во Тетово
ИЈЗ регистрира 116 случаи на грип од 26 октомври до 1 ноември, што е раст од 90,2 проценти во однос на претходната недела.

Во Македонија од 26 октомври до 1 ноември се регистрирани 116 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 90,2 проценти во споредба со претходната недела, кога биле евидентирани 61 случај. Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот е зголемен и за 23,4 проценти во споредба со истиот период минатата сезона. Најмногу заболени се пријавени во Тетово – 48, Куманoво – 26 и Скопје – 13 случаи.
Најмногу заболени на возраст од 15 до 64 години
Според возрасната структура, најголем дел од заболените се на возраст од 15 до 64 години – вкупно 84 лица. Регистрирани се и 25 лица постари од 65 години, како и седум деца на возраст од пет до 14 години. Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се евидентирани вкупно 343 случаи, што е за 1,5 пати повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. И покрај зголемувањето, ИЈЗ оценува дека активноста на грипот сè уште е на меѓусезонско ниво и не е достигнат епидемиолошкиот праг.
ИЈЗ со препораки за заштита и вакцинација
Институтот препорачува редовно миење и дезинфекција на рацете, проветрување на просториите, избегнување близок контакт со заболени и престој во простории со многу луѓе. Вакцинацијата особено се препорачува за лицата над 65 години, хронично болните, бремените жени, малите деца и здравствените работници. Вакцинацијата во земјата започна на 21 октомври, а досега се вакцинирани 11.629 лица од ризичните категории со бесплатни вакцини.

