Економија
Дознај прв
БАНКИТЕ НАЈАВУВААТ МОЖНИ ПРЕКИНИ НА УСЛУГИТЕ: Нови платни налози и ИБАН-сметки носат системски промени
Македонската банкарска асоцијација најавува системски промени за платните налози и ИБАН-сметките, поради кои се можни привремени прекини на услугите.

Банките во Македонија се подготвуваат за регулаторни и технички промени поврзани со платните налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат. Поради потребните системски прилагодувања, во претстојниот период е можно привремено да бидат недостапни или ограничени одредени банкарски услуги, особено платежните трансакции. За промените информира Македонската банкарска асоцијација, од каде посочуваат дека активностите се однапред планирани.
Банките ќе ги објават термините за можните прекини
Точните термини за техничките активности, услугите што ќе бидат опфатени и очекуваното времетраење на ограничувањата ќе бидат објавени во поединечните известувања на банките до клиентите. Од Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите редовно да ги следат официјалните канали на својата банка и навреме да ги планираат плаќањата што треба да ги извршат во овој период.
Броевите на постојните сметки остануваат исти
Од Асоцијацијата потсетуваат дека постојните броеви на платежните сметки нема да се менуваат. Банките ќе го приспособат приказот и користењето на сметките во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство. Целта на промените е непречена примена на новите правила во секојдневното користење на платежните услуги.

