Македонија

ЗАБРАНЕТА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ГОСТИВАР: Над 1.200 жители побарале лекарска помош, се истражува диво поставена пумпа

АХВ забрани употреба на водата за пиење во Гостивар, откако над 1.200 жители побарале помош, а во водоводот била откриена диво поставена пумпа.

ЗАБРАНЕТА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ГОСТИВАР: Над 1.200 жители побарале лекарска помош, се истражува диво поставена пумпа

Агенцијата за храна и ветеринарство издаде времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водовод поради сомнение дека е загадена и небезбедна. Во изминатите три до четири дена, околу 1.000 до 1.200 жители побарале медицинска помош со симптоми како повраќање, дијареја, болки во стомакот, температура и омалаксаност.

Вода од Вардар се вбризгувала во главниот цевковод

При вонредниот надзор било утврдено дека во главниот цевковод, без одобрение, била поставена пумпа преку која директно се вбризгувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем. Од СВР Тетово соопштија дека постојат сомневања оти јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито со истечни отпадни води. Се претпоставува дека тоа било направено за да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на вода.

Забраната ќе важи до лабораториските резултати

Стручни лица од Институтот за јавно здравје земале примероци од водата за лабораториско испитување. Забраната за пиење ќе важи сè додека резултатите не потврдат дека водата е безбедна за употреба. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот поради сомнение за кривично дело „загадување на вода за пиење“.

ОЗНАКИ: Гостивар