Македонија
Дознај прв
ЗАТВОР ЗА ЛАЖНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА БАНКИТЕ: Се воведува ново кривично дело во Кривичниот законик
Драгана Бојковска најави ново кривично дело во Кривичниот законик за ширење лажни информации што ја загрозуваат стабилноста на банките.

Во новиот Кривичен законик се предвидува воведување ново кривично дело со кое ќе се санкционира ширењето неточни информации што можат да ја загрозат стабилноста на банкарскиот систем. Ова го соопшти пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, во гостувањето во емисијата „Анализа“ на ТВ 24, посочувајќи дека за ваквите постапки ќе биде предвидена и затворска казна.
Кој ќе може да одговара за ширење лажни информации?
Според Бојковска, одредбата ќе се однесува на лица кои имаат службена или општествена положба и углед, а преку лажни изјави или документи објавуваат неточни информации со кои се загрозува банкарскиот систем. „За секое ширење на неточни и лажни информации на начин на кој се загрозува банкарскиот систем, мора да се сноси и одговорност“, изјави таа. Пратеничката посочи дека новиот Кривичен законик веќе е испратен до Европската комисија и дека предложеното решение треба да овозможи санкционирање на ваквите постапки.
Најавата поврзана со случајот „Алта банка“
Бојковска ја поврза најавата со актуелните случувања околу Алта банка, обвинувајќи ја СДСМ и нејзиниот претседател дека со изнесување информации за банката предизвикувале страв и паника кај граѓаните. Таа оцени дека политичките партии треба да ги остават надлежните професионални институции да постапуваат по случајот, а приоритет да биде заштитата на банкарскиот сектор, штедачите и депозитите на граѓаните.

