Македонија

ХАЏИ ВАСИЛЕВА НАЈАВИ ПОЕФИКАСЕН ПРОГОН: Корупцијата и организираниот криминал ќе бидат главен приоритет

Новата шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, најави ефикасен кривичен прогон, повеќе ресурси и фокус на предмети од јавен интерес.

ХАЏИ ВАСИЛЕВА НАЈАВИ ПОЕФИКАСЕН ПРОГОН: Корупцијата и организираниот криминал ќе бидат главен приоритет
фото - мрт

Новата раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, најави дека нејзин главен фокус ќе биде ефикасен кривичен прогон, целисходна работа и максимално искористување на расположливите ресурси. Таа денеска даде свечена изјава пред Советот на јавните обвинители со што официјално стапи на функцијата, посочувајќи дека добро ѝ се познати состојбите и предизвиците со кои се соочува обвинителството.

Фокус на предмети од јавен интерес

Хаџи Василева признава дека ресурсите со кои располага обвинителството се ограничени, но најави дека ќе се залага за нивно зголемување и поефикасно користење. Осврнувајќи се на оценката во последниот извештај на Европската комисија дека нема напредок во борбата против корупцијата, таа рече дека е свесна за предизвиците и најави поодлучен прогон во случаите што се најважни за јавниот интерес. Според неа, приоритет ќе бидат предметите и ситуациите што директно ги засегаат граѓаните и општеството во целина.

Хаџи Василева избрана со 64 гласа од 171 важечко ливче

Хаџи Василева беше избрана на 28 октомври, освојувајќи 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата се кандидираа пет јавни обвинители: Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. При претставувањето на својата програма таа порача дека борбата против корупцијата и организираниот криминал мора да биде во центарот на работата на обвинителството, бидејќи овие појави го нарушуваат јавниот интерес, безбедноста на граѓаните и општествениот напредок. Новиот избор беше спроведен по истекот на мандатот на досегашниот шеф Ислам Абази, кој беше избран во октомври 2022 година.

Жан Митрев