Македонија
Дознај прв
18.600 МАКЕДОНСКИ РАБОТНИЦИ ВО ХРВАТСКА: Четврти сме по бројот на странски работници
Во Хрватска работат околу 18.600 македонски граѓани, со што Македонците се четврти по бројност меѓу странските работници.

Македонските државјани се четврти по бројност меѓу странските работници во Хрватска, покажуваат податоците за минатата година и првиот квартал од 2026 година. Во земјата моментално работат околу 18.600 македонски граѓани, кои сочинуваат девет отсто од вкупната странска работна сила. Во споредба со претходниот период, бројот на работници од Македонија е зголемен за осум отсто.
Пред Македонија се БиХ, Србија и Непал
Најмногу странски работници во Хрватска доаѓаат од Босна и Херцеговина – околу 49.500 лица, што претставува 24 отсто од вкупниот број. На второто место е Србија со 37.200 работници, додека на третото место е Непал со 28.900. Зад Македонија се наоѓа Косово со околу 14.400 работници, а следуваат Филипините, Индија, Украина и Албанија.
Најмногу странци работат во градежништвото
Најголем број странски работници се вработени во Загреб, каде што работат околу 52.600 лица, додека во Сплитско-далматинската жупанија има 24.700. Најмногу странци работат во градежништвото, а потоа во туризмот и угостителството, преработувачката индустрија, транспортот, земјоделството и трговијата. Просечната возраст на странските работници е 34 години, а 78 отсто од нив се мажи. Како сериозна конкуренција на Хрватска се издвојуваат Словенија и Австрија, каде што платите се повисоки за 20 до 40 отсто.
