Регион

ДВА ДЕНА ПЛАТЕНО ОТСУСТВО МЕСЕЧНО: Црна Гора воведе ново право за жените со болни менструални циклуси

Црна Гора усвои законски измени со кои жените со дијагностицирана секундарна дисменореја добиваат два дена платено отсуство месечно.

ДВА ДЕНА ПЛАТЕНО ОТСУСТВО МЕСЕЧНО: Црна Гора воведе ново право за жените со болни менструални циклуси

Собранието на Црна Гора усвои измени на Законот за здравствено осигурување со кои се воведува право на два дена платено отсуство месечно за одредена категорија жени. Новото право нема да важи за секој менструален циклус, туку за жените кај кои е дијагностицирана секундарна дисменореја. Станува збор за сериозни и болни менструални тегоби предизвикани од претходно утврдени гинеколошки заболувања.

Правото ќе важи со медицинска дијагноза

Меѓу здравствените состојби што можат да предизвикаат секундарна дисменореја се ендометриоза, миоми, полипи, воспаление на јајчниците и синдром на полицистични јајчници. Тегобите може да бидат проследени со силни грчеви, гадење, замор и обилно крвавење. Со законските измени, оваа состојба ќе биде признаена како посебен вид привремена спреченост за работа.

Целта е заштита на здравјето на жените

Иницијативата била поднесена во март од независната пратеничка Јевросима Пејовиќ, а претходно добила едногласна поддршка од надлежните собраниски одбори. Во образложението се наведува дека целта е правилно регулирање на дијагностицираните патолошки состојби и отстранување на предрасудите на работното место. Измените треба да овозможат подобра рамнотежа меѓу заштитата на здравјето и професионалните обврски на жените.

ОЗНАКИ: Црна Гора