Македонија

(ВИДЕО) МОЗАИКОТ СО ИСТОРИСКИОТ ГРБ НА РАДОВИШ ОД 1961 ГОДИНА СЕ РЕСТАВРИРА

Во тек е реставрација на мозаикот со грбот на Радовиш од 1961 година, кој ги прикажува рударството, земјоделството, Плачковица и историското наследство на градот.

(ВИДЕО) МОЗАИКОТ СО ИСТОРИСКИОТ ГРБ НА РАДОВИШ ОД 1961 ГОДИНА СЕ РЕСТАВРИРА

Мозаикот со грбот на Радовиш, изработен во 1961 година, е во процес на реставрација. Грбот настанал во период на интензивна урбанизација и индустријализација на градот, во тогашна СФРЈ, и претставува сведоштво за неговиот историски и стопански развој. Изработен е во социјалистички хералдички стил и ги обединува најзначајните обележја на радовишкиот крај. Во неговата композиција се претставени рударството, индустријата, земјоделството и планината Плачковица.

Рударството, земјоделството и Плачковица како симболи на градот

На грбот се прикажани рударски симболи и запчаници, кои го претставуваат рудникот „Дамјан“ и индустрискиот развој. Житните снопови и анасонот, односно афионот, ги симболизираат земјоделските традиции на регионот, додека планината Плачковица го претставува географското опкружување на Радовиш.

Радовиш со црвената ѕвезда и датумот на ослободувањето

На врвот од грбот се наоѓа црвена петокрака ѕвезда, а во композицијата е вклучен и датумот 6 Ноември 1944 година, кога градот бил ослободен во Втората светска војна. Според достапните хералдички записи, грбот бил изработен по нарачка на тогашното Општинско собрание на Радовиш, како колективно дело на група локални занаетчии и ликовни педагози. Во документите не е наведено име на конкретен автор, па мозаикот се води како локално дизајнерско дело.

ОЗНАКИ: Радовиш