Спорт

ЕДЕН КЛУБ, ДВЕ РАЗЛИЧНИ ПРИКАЗНИ: Полни трибини на РК Вардар, празни на ФК Вардар – каде е проблемот?

ЕДЕН КЛУБ, ДВЕ РАЗЛИЧНИ ПРИКАЗНИ: Полни трибини на РК Вардар, празни на ФК Вардар – каде е проблемот?

Во рок од само 24 часа видовме две сосема различни слики од најголемиот спортски бренд во Македонија – Вардар. Вчера, во салата „Јане Сандански“, ракометниот Вардар играше пред полни трибини, исполнети до последното столче, со огромна поддршка од навивачите. Денеска, на натпреварот на фудбалскиот клуб Вардар, сосема поинаква слика – празни трибини и едвај неколкумина поддржувачи на црвено-црните. Разликата меѓу двата клуба не помина незабележано, па поединци од навивачката група Комити преку објава на социјалните мрежи испратија порака во која ја истакнуваат разликата меѓу двата клуба.

„Не е ова Вардар! Вардар е река, Вардар е и кино, кугларски клуб, весник. ОВА Е РАКОМЕТЕН КЛУБ ВАРДАР!“, се наведува во објавата. Во пораката се потенцира дека на ракометните натпревари нема поделби меѓу навивачите и дека на трибините има место за сите, без разлика на возраста и полот. „Овде никој на играчи не забранува да слават гол со публика. Овде секој и секого почитува, и стар и млад, и маж и жена“, порачуваат тие. Реакцијата завршува со силна порака дека ракометниот Вардар е црвено-црно семејство: „ОВА Е РК ВАРДАР И КОМИТИ!“