Македонија
Дознај прв
ДЕНЕС Е ЗАДУШНИЦА: Верниците палат свеќи и се молат за спокој на душите на починатите
Православните христијани викендов ја одбележуваат Задушница. Ден за молитва за починатите, посета на гробиштата и традиционални обичаи.

Православните христијани викендов ја одбележуваат Задушница, ден посветен на сеќавањето на починатите, кога верниците се молат за упокојување на нивните души. Задушница секогаш се одбележува во сабота, ден кој Црквата го определила за помен и молитва за упокоените. Во храмовите се служат света Литургија и панихида, по што верниците ги посетуваат гробиштата, каде што палат свеќи и се молат за своите блиски.
Молитви, панихиди и помен на гробиштата
За време на панихидата свештеникот истура вино над житото, а по завршувањето на богослужбата се вршат и индивидуални панихиди на гробовите. Се носат онолку свеќи колку што се споменуваат починати, а свештениците ги окадуваат гробовите и читаат молитви. Доколку блиските не се во можност да го посетат гробот, помен може да се одржи и во црква. Верниците, покрај молитвата, практикуваат и милостина во спомен на починатите.
Што се носи на Задушница?
Според обичаите, се подготвуваат леб, жито, вино, ракија, пиво и вода, зависно од традицијата во различните краеви. Носењето храна на гробиштата, сепак, не претставува црковно правило, туку обичај што се практикува во народот. Задушница е ден на молитва, сеќавање и почит кон оние кои не се меѓу нас, а нејзината суштина е во духовниот помен и молитвата за упокоените.

