Скопје
Дознај прв
ПРОТЕСТ ВО СКОПЈЕ ПО УБИСТВОТО НА 17-ГОДИШНАТА БИЛЈАНА: Граѓаните во недела излегуваат против фемицидите
Иницијативата „Ниту една повеќе!“ организира протест во Скопје на 8 ноември по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ, барајќи истрага и институционална одговорност.

По убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, во недела, на 8 ноември, во Скопје ќе се одржи граѓански протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста. Протестот е организиран од иницијативата „Ниту една повеќе!“, а собирањето е закажано во 12 часот во паркот „Жена Борец“. Оттаму, учесниците ќе продолжат во марш покрај Собранието и Министерството за правда, а протестот ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Бараат целосна истрага и одговорност од институциите за Билјана
Организаторите бараат целосна и транспарентна истрага за убиството, како и проверка на постапувањето на институциите по претходните пријави за насилство и закани. Тие бараат да се утврди дали имало пропусти во заштитата на девојката и да се преземе одговорност доколку се утврдат неправилности. Меѓу барањата е и итно усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“
Од иницијативата бараат и конкретни системски мерки за спречување на фемицидите и заштита на жените од насилство. Нагласуваат дека протестот е граѓански и дека нема да дозволат негово партиско искористување. „Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат организаторите.

