Македонија

БУГАРИЈА ОДБИВА ЕВРОПСКИ МЕДИЈАТОР ВО ДИЈАЛОГОТ СО МАКЕДОНИЈА: Софија бара промена на политичкиот наратив

Бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова ја отфрли идејата за европски медијатор во дијалогот со Македонија и побара промена на политичкиот наратив.

БУГАРИЈА ОДБИВА ЕВРОПСКИ МЕДИЈАТОР ВО ДИЈАЛОГОТ СО МАКЕДОНИЈА: Софија бара промена на политичкиот наратив

Бугарија не прифаќа вклучување европски медијатор во дијалогот со Македонија, со образложение дека отворените прашања не се од билатерален карактер, туку произлегуваат од договори усвоени на европско ниво. Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање во бугарското Собрание. Таа оцени дека е нетипично да има медијатор меѓу земја членка на ЕУ и земја кандидат во врска со обврски што се одобрени на европско ниво.

Бугарија очекува промена на политичкиот наратив

Петрова-Чамова порача дека Бугарија очекува Македонија да покаже подготвеност за формирање политички наратив кој, според неа, нема да биде насочен против Бугарија. Нејзината изјава следува по предлогот на премиерот Христијан Мицкоски претставници на Европската Унија да бидат вклучени како медијатори во разговорите меѓу Скопје и Софија.

Муцунски вели дека дијалогот има европска поддршка

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека разговорите за отворените прашања со Бугарија имаат поддршка од европските институции и земјите членки на Унијата, нагласувајќи дека Македонија останува на своите принципиелни позиции. Еврокомесарката за проширување Марта Кос на 4 ноември во Брисел изјави дека Европската комисија презема активности за подобрување на односите меѓу двете земји, но дека не ги објавува сите детали. Засега нема најавено конкретна средба на високо ниво меѓу Скопје и Софија, ниту договор за формално посредување од страна на ЕУ.

ОЗНАКИ: бугарија
Жан Митрев