Дознај прв
ДАЛИ Е ОВА ИДНАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ГЕРМАНИЈА? Илзе Ајгнер е фаворит за наследник на Франк-Валтер Штајнмаер
Илзе Ајгнер би можела да стане првата жена претседател на Германија. Според „Билд“, нејзината кандидатура ќе ја поддржат CDU и SPD.

Германија би можела за првпат во својата историја да добие жена на функцијата претседател, откако Илзе Ајгнер, актуелната претседателка на баварскиот покраински парламент, се појави како најсериозен кандидат за позицијата. Според германскиот весник „Билд“, повикувајќи се на двајца високи функционери на Христијанско-демократската унија (CDU), Ајгнер ќе биде номинирана од CDU и Социјалдемократската партија (SPD). Официјалното соопштение за кандидатурата се очекува во понеделник.
Којa е Илзе Ајгнер?
Ајгнер е членка на баварската Христијанско-социјална унија (CSU), сестринска партија на CDU, а во периодот од 2008 до 2013 година беше германска министерка за земјоделство. Нејзината кандидатура уште во април ја предложи баварскиот премиер и лидер на CSU, Маркус Зедер. Премиерот на Бранденбург од редовите на SPD, Дитмар Војтке, ја опиша како „совршен кандидат“, кој одлично ја познава германската политика.
Германија досега немала жена претседател
Функцијата претседател на Германија има претежно церемонијален карактер, додека главната извршна политичка моќ ја има канцеларот Фридрих Мерц. Во 77-годишната историја на Сојузна Република Германија, сите досегашни претседатели биле мажи. Доколку кандидатурата на Ајгнер биде официјализирана и таа биде избрана, ќе стане првата жена на оваа функција.

