Македонија
Дознај прв
ПОЛИЦАЕЦ ЌЕ МОЖЕ ДА ИЗБРКА СЕМЕЕН НАСИЛНИК ОД ДОМОТ: Дури и ако е сопственик на имотот, најави Тошковски
Полицаец ќе може да го исфрли насилникот од дома на 48 часа. МВР регистрирало 1.897 случаи на семејно насилство во 2026 година

Во Македонија во просек секој ден се пријавуваат најмалку три кривични дела поврзани со семејно насилство, со најмалку три жртви, покажува анализата на Министерството за внатрешни работи. Во првите 10 месеци од 2026 година се регистрирани рекордни 1.897 пријавени случаи, наспроти 1.125 во истиот период лани, што претставува зголемување од 70 проценти. Податоците беа презентирани денеска, на настан на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според анализата, од 2021 до 2025 година биле регистрирани 5.699 сторители, од кои 91 процент се мажи, а во истиот период биле евидентирани и околу 90 до 100 деца жртви годишно. Во текот на оваа година се регистрирани и седум случаи на фемицид.
Повеќе кривични пријави и изречени мерки притвор
МВР годинава поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство, што е за 50 проценти повеќе од лани, а 153 од нив биле поднесени по брза постапка. Изречени се и 163 мерки притвор, што претставува зголемување од 270 проценти во споредба со 2025 година. Тошковски посочи дека полицијата сега може по службена должност да постапува за нанесување телесна повреда при семејно насилство, без да чека пријава од жртвата. „Клучно е што жртвите на семејно насилство сè повеќе пријавуваат. Не трпат, веднаш пријавуваат“, рече министерот.
Полицијата може да отстрани насилник од дома на 48 часа
Тошковски објасни дека полицаец може итно да го отстрани сторителот од домот во период од 48 часа, доколку постои основано сомневање дека извршил семејно насилство, дури и ако тој е сопственик на живеалиштето. Оваа мерка се применува кога лицето е затекнато при вршење семејно насилство, а МВР во рок од шест часа го известува судот, кој понатаму одлучува за мерката. Во меѓувреме, во собраниска процедура е Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој се однесува на мерките во надлежност на Граѓанскиот суд. Податоците покажуваат дека жените најчесто се жртви во својство на сопруги, партнерки во вонбрачна заедница и мајки.

