Македонија
Дознај прв
НОВ ВОДОВОДЕН СИСТЕМ ВО КАМЕНИК: Се решава долгогодишниот проблем со недостигот на вода
Во Каменик се градат нов резервоар и 4,2 километри водоводна мрежа, со инвестиција од 27,5 милиони денари, а ќе се изгради и препумпна станица.

Премиерот Христијан Мицкоски, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, извршија увид во градежните активности за подобрување на водоснабдувањето во населбата Каменик. Со проектот, како што информираат од Општината, се решава долгогодишниот проблем со недостигот на вода и слаб притисок, особено во летните месеци. Во рамките на инвестицијата се градат нов резервоар и секундарна водоводна мрежа во должина од 4,2 километри, во вредност од 27.525.735,60 денари.
Се гради и препумпна станица
Целокупниот систем ќе биде заокружен со изградба на препумпна станица, која ја финансира и реализира Министерството за животна средина и просторно планирање. Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска посочи дека постојната водоводна мрежа била изградена пред многу години со самопридонес на жителите и не ги исполнувала техничките стандарди. Поради тоа, домаќинствата се соочувале со секојдневен недостиг на вода, а проблемот ги засегал и десетиците индустриски капацитети во оваа зона.
По завршувањето следува асфалтирање
Премиерот Мицкоски истакна дека станува збор за заеднички проект на Владата и Општина Кисела Вода, со кој се решава децениски проблем на жителите. Тој најави дека по завршувањето на работите на подземната инфраструктура, следен чекор ќе биде целосно асфалтирање на овој потег. Од Општината посочуваат дека инвестицијата треба да обезбеди посигурно водоснабдување за домаќинствата и индустриските капацитети, како и подобри услови за локален економски развој.

