Македонија

(ВИДЕО) ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА СПЕЈСЕКС: „Старшип“ првпат успешно фатен во воздух при враќањето на Земјата

Историски успех за SpaceX: огромните механички раце за првпат успешно го фатија леталото Starship во воздух над Тексас. Се подготвуваат мисии кон Месечината.

(ВИДЕО) ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА СПЕЈСЕКС: „Старшип“ првпат успешно фатен во воздух при враќањето на Земјата
photo - screenshot - x @SawyerMerritt

Вселенското летало „Старшип“ на компанијата „СпејсЕкс“ успешно се врати на Земјата, а огромните механички раце го фатија во воздух над лансирната локација во Тексас. Ова е првпат компанијата успешно да го изведе овој маневар со самото летало, откако претходниот обид не успеа, објави „Франс 24“. Иако главната цел беше постигната, планираното двојно фаќање не успеа, бидејќи ракетниот потисен степен, познат како „бустер“, експлодираше по лансирањето. Од „СпејсЕкс“ оценуваат дека успешното враќање на „Старшип“ претставува голем чекор кон целосна повеќекратна употреба на ракетниот систем.

Леталото ја обиколи Земјата 14 пати

„Старшип“ полета од базата на компанијата во Тексас, а горниот степен успешно се одвои од бустерот и влезе во орбитата, каде што испушти 26 сателити „Старлинк“. Леталото продолжи да кружи околу Земјата на висина од околу 265 километри и направи 14 обиколки, што претставува значителен напредок во однос на претходната мисија. Од компанијата потврдија дека системите функционирале правилно, вклучувајќи го и топлинскиот штит, додека проблемот со бустерот сè уште се истражува. Според објаснувањето на инженерите, системот за навигација препознал дека бустерот не е во соодветна положба за слетување и автоматски ја променил траекторијата кон морето.

Целта е Месечината, а потоа и Марс

Успехот е важен и за НАСА, која го финансира развојот на „Старшип“ со милијарди долари за идните мисии на Месечината. Планот е леталото да се користи за спуштање астронаути од програмата „Артемис“ на лунарната површина и за изградба на постојана база. „СпејсЕкс“ во наредните месеци планира да започне со лансирања и од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида. НАСА планира мисијата „Артемис IV“ да се реализира во 2028 година, со цел враќање на луѓето на Месечината по повеќе од половина век.

Жан Митрев