Македонија
Дознај прв
ПОЧНА ИТНАТА ВАКЦИНАЦИЈА НА ОВЦИТЕ И КОЗИТЕ: Ќе бидат опфатени над 438.000 животни во осум региони
Во Источниот Регион започна итната вакцинација против сипаници. Во осум региони ќе бидат опфатени 3.417 стада и 438.042 овци и кози.

Во Источниот Плански Регион започна итната вакцинација на овците и козите против сипаници, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. Со кампањата се планира да бидат опфатени вкупно 3.417 стада со 438.042 животни во осумте плански региони во земјава. Вакцинацијата ќе се спроведува во три фази, со цел да се опфатат и животните кои во моментот не ги исполнуваат условите за вакцинирање или биле недостапни за време на почетната кампања.
Во првата фаза ќе се вакцинираат речиси 194.000 животни
Првата фаза опфаќа 1.859 стада со вкупно 193.527 животни во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот Регион. Во втората фаза ќе бидат опфатени 1.558 стада со 244.515 животни во Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот Регион.
Дополнителна вакцинација за јагниња, јариња и одложени случаи
Третата фаза предвидува дополнителна вакцинација на јагниња и јариња кои ќе ја достигнат минималната возраст по завршувањето на првите две фази, како и на животни чија вакцинација била одложена поради клиничка состојба или ветеринарна проценка. Ќе бидат опфатени и бремени животни, животни во првите шест недели по породувањето, како и фарми кои биле недостапни или кај кои вакцинацијата била одложена поради сомнение за инфекција, со одобрение од надлежниот официјален ветеринар. Кампањата е наменета за клинички здрави овци и кози, како и јагниња и јариња што ја достигнале минималната возраст за вакцинација, додека за другите категории ќе се постапува согласно упатството за употреба на вакцината.

