Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) ТЕНЗИИ ВО КРИВА ПАЛАНКА: Полицијата се обиде да ги отстрани демонстрантите кои протестираат поради кравите што им ги уништуваат имотите
Жителите на Крива Паланка протестираа поради околу 1.000 крави кои неконтролирано шетаат и предизвикуваат штети. Бараат итна реакција од институциите.

Жителите на Крива Паланка и околните села денеска излегоа на протест барајќи заштита на имотот, безбедност и итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави кои неконтролирано се движат низ градот и предизвикуваат сериозни штети. Под мотото „За безбедност, за заштита на имот и за спроведување на законот“, граѓаните побараа координирана акција од институциите и трајно решавање на проблемот. На протестот, оштетените жители сведочеа за уништени насади, оштетен имот, материјални загуби и закани, барајќи сигурност за своите семејства и можност непречено да ги обработуваат земјоделските површини.
Градоначалникот најави дека ќе остане со граѓаните
Градоначалникот Сашко Митовски порача дека ќе биде со граѓаните сè додека не се спроведе законот и последното грло добиток не биде изнесено од градот. Тој потсети дека решенијата за одземање на добитокот се донесени пред повеќе од две и пол години и побара надлежните институции конечно да постапат. Претседателот на Советот, Миле Трајковски, најави порадикални протестни мерки доколку институциите не преземат конкретни активности.
Поднесени кривични пријави, се бара кризна состојба
Поддршка за граѓаните изразија и пратениците Љупчо Николовски од СДСМ и Борислав Крмов од Левица. Протестот следува по барањето на Општинскиот кризен штаб Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба. На 18 ноември биле поднесени кривични пријави, претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата и барање за вонреден инспекциски надзор. Главните барања се итно спроведување на донесените решенија, утврдување институционална одговорност и конкретна заштита на граѓаните и нивниот имот.

