Дознај прв
ХРВАТСКА ГИ ЗАOСТРУВА КАЗНИТЕ ЗА МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ ЗАД ВОЛАНОТ: Глобите може да достигнат и до 2.000 евра
Хрватска планира построги казни за користење мобилни телефони зад воланот. Глобите за снимање со телефон во рака може да достигнат 2.000 евра.

Користењето мобилен телефон зад воланот е една од четирите најчести причини за сообраќајни несреќи во Хрватска, поради што се најавуваат построги казни. На деветтата конференција „Ние и нашите уреди во сообраќајот – мобилните телефони во професионалниот транспорт“ експерти и претставници на институциите дискутираа за опасностите од користењето телефони при возење. Судскиот вештак Крунослав Ормуж предупреди дека и само две до три секунди поглед кон екранот при брзина од 40 километри на час значат движење од околу 33 метри без целосно внимание на патот.
За десет месеци во Хрватска регистрирани 36.000 прекршоци
Според податоците на хрватската полиција, за десет месеци биле евидентирани повеќе од 36.000 прекршоци поврзани со користење мобилен телефон при возење, од кои околу 8.000 се однесувале на професионални возачи. Од „Хрватска пошта“ посочуваат дека проблемот го решаваат со апликации за достава, преку кои активностите се извршуваат надвор од возилото. Експертите предупредуваат дека проблем претставува и исклучувањето на безбедносните системи во автомобилите кои го ограничуваат пишувањето пораки за време на возењето.
Казните може да се зголемат до 2.000 евра
Моменталната казна за користење мобилен телефон при возење во Хрватска изнесува 130 евра. Најавените законски измени предвидуваат зголемување на глобите, а за снимање со мобилен телефон што се држи во рака за време на возењето се разгледуваат казни од 800 до 2.000 евра. Сообраќајните експерти бараат и почести контроли, форензичка анализа на употребата на мобилните уреди и поставување дополнителни камери за откривање на ваквите прекршоци.

