Регион
Дознај прв
МЛАДИТЕ ИЗЛЕГУВААТ НА УЛИЦА ВО ХРВАТСКА: Средношколци и студенти најавија целодневен бојкот на наставата
Средношколци и студенти во пет хрватски градови најавија целодневен бојкот на наставата. Бараат поевтин живот, достапни станови и подобро здравство.

Средношколци и студенти во Загреб, Риека, Пула, Задар и Осиек најавија целодневен бојкот на наставата за петок, 20 ноември, во рамки на меѓународниот штрајк на младите. Со оваа акција сакаат да го свртат вниманието кон високите трошоци за живот, недостапното домување, состојбата со јавните услуги и милитаризацијата. Штрајкот го организира иницијативата „Штрајк на младите во Хрватска“, како дел од меѓународното движење „International Youth Strike“, кое под слоганот „За нашата иднина, а не за нивните војни“ најави протести во 25 европски земји. Организаторите порачуваат дека младите сакаат да можат да изградат иднина во својата земја, но за тоа им се потребни подобри услови.
Бараат поевтин живот и достапни станови
Меѓу главните барања се подостапни станови за младите, намалување на животните трошоци и подобрување на здравството, образованието и науката. Организаторите бараат и демилитаризација, поголема заштита на животната средина и мерки за спречување идни еколошки катастрофи. Во бојкотот треба да се вклучат ученици и студенти од повеќе средни училишта и факултети во петте градови.
Најавуваат дека протестите ќе продолжат со бојкот
Точниот список на образовните установи што ќе учествуваат сè уште не е објавен, а организаторите најавиле дека ќе го соопштат во пресрет на протестот преку својот профил на Инстаграм. Тие нагласуваат дека акцијата на 20 ноември нема да биде еднократна и дека планираат да продолжат со протестите. „Нашиот штрајк започнува на 20 ноември, но не планираме да застанеме на еден ден и еден штрајк. Сакаме упорно да се бориме за нашата иднина“, порачуваат младите.

