Македонија

МАКЕДОНСКО ИМЕ ВО ГИНИСОВАТА КНИГА НА РЕКОРДИ: Сашко Кедев е највозрасниот човек што ги искачил сите 14 осумилјадници

Сашко Кедев е официјално признат од Гинис како највозрасниот човек што ги искачил сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри.

МАКЕДОНСКО ИМЕ ВО ГИНИСОВАТА КНИГА НА РЕКОРДИ: Сашко Кедев е највозрасниот човек што ги искачил сите 14 осумилјадници

Проф. д-р Сашко Кедев официјално е признат од „Guinness World Records“ како највозрасниот човек во светот што ги искачил сите 14 планински врвови повисоки од 8.000 метри. Федерацијата за планинарство на Македонија му упати честитки за подвигот, со кој македонското планинарство доби светско признание. Кедев го започнал патот кон овој предизвик со искачувањето на Монт Еверест на 19 мај 2009 година, а го завршил на 20 јули 2025 година, на врвот Гашербрум I во Пакистан, висок 8.080 метри. Последниот врв го освоил на возраст од 63 години и 14 дена, со што го поставил рекордот.

Прв Македонец со подвигот на 14 осумилјадници

Кедев е првиот Македонец кој ги искачил сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри. Според признанието на Гинис, тој е и највозрасниот човек што ги комплетирал двата големи планинарски предизвика – искачувањето на 14-те осумилјадници и „Седумте врвови“, највисоките планини на седумте континенти.

„Неговиот пат е инспирација за сите генерации“

Претседателот на Федерацијата за планинарство, Даниело Божиновски, порача дека рекордот е гордост за целото македонско планинарство. Тој истакна дека Кедев покажал оти за големите соништа никогаш не е доцна и дека со упорност, дисциплина и почит кон планината можат да се достигнат и највисоките врвови во светот. Од Федерацијата му посакаа уште многу безбедни искачувања.

Жан Митрев