Свет
Дознај прв
ДОБРИ ВЕСТИ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Од 2027 година минималната саатница се зголемува на 14,60 евра
Од 1 јануари 2027 минималната саатница во Германија ќе изнесува 14,60 евра, а максималната заработка за мини-џоб ќе порасне на 633 евра месечно.

Минималната саатница во Германија од 1 јануари 2027 година ќе се зголеми на 14,60 евра бруто, што е за 70 центи повеќе од сегашните 13,90 евра. Промената ќе опфати повеќе од шест милиони работници, а особено ќе им користи на лицата со пониски примања, вработените со скратено работно време и оние ангажирани преку таканаречениот „мини-џоб“.
Повисока заработка и за работниците со мини-џоб
Со зголемувањето на минималната саатница ќе се зголеми и максималната месечна заработка за мини-џоб, која од 1 јануари 2027 година ќе изнесува 633 евра, во споредба со сегашните 603 евра. Работниците ќе можат и понатаму да работат во просек околу 10 часа неделно, без да мора да го намалуваат бројот на работни часови поради повисоката саатница. Претходното зголемување беше во јануари 2026 година, кога минималната плата достигна 13,90 евра бруто за работен час.
Кој одлучува за минималната плата во Германија?
За висината на минималната саатница не одлучува директно германската Сојузна влада, туку предлозите за усогласување ги подготвува независната Комисија за минимална плата (Mindestlohnkommission). Во нејзиниот состав има претставници на работодавачите и синдикатите, како и советодавни членови од научната заедница. Врз основа на препораката на комисијата, Сојузната влада ја носи конечната одлука преку уредба. Новите правила стапуваат во сила на 1 јануари 2027 година.

