Хроника
Дознај прв
ПРИЈАВЕНИ ДИРЕКТОР И ДВАЈЦА ИНСПЕКТОРИ: Ловечко друштво издавало дозволи без концесија
Директор на Државниот инспекторат, главен инспектор и вработен во ловечко друштво од Струмица се пријавени за незаконско издавање дозволи и отстрел на дива свиња.

Директорот на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, главен инспектор во институцијата и вработен во ловечкото друштво „Беласица“ од Струмица добија кривични пријави поради сомневање за незаконско издавање дозволи за лов и прикривање незаконски отстрел на дива свиња. Според МВР, постојат сомневања дека во службените книги биле внесувани неточни и нецелосни податоци за издадените дозволи и потврдите за потекло на дивечот.
Дозволи за санитарен отстрел без концесија
Според полицијата, вработениот во ловечкото друштво внесувал неточни податоци, додека главниот инспектор и директорот издале акт со кој му овозможиле на друштвото да издава дневни дозволи за таканаречен санитарен отстрел на диви свињи во ловиштето „Тркајна“, иако немало концесија за тоа ловиште. Членовите на друштвото, повикувајќи се на мерките за заштита и контрола од африканска чума, извршиле незаконски отстрел на дива свиња, наведува МВР.
Инспекторите не ги евидентирале неправилностите
Пријавените инспектори, според МВР, при извршените контроли не ги евидентирале утврдените неправилности во службените книги. Со тоа, како што наведува полицијата, му овозможиле на ловечкото друштво да продолжи да издава дозволи и потврди без соодветна евиденција. СВР Струмица поднесе кривични пријави против Д.А. (49), З.В. (63) и Б.К. (49) за фалсификување или уништување деловни книги и несовесно работење во службата.

